Деловите на авионот PDF Печати Е-пошта
Вторник, 23 Јануари 2007 08:30

Деловите на авионотСите знаат дека авионот се состои од труп, крила, мотори и тркала, но некои незнаат од што се составени овие делови. Во неколку продолженија ќе објавиме содржина каде ќе ги објавиме поважните составни делови на еден воздухоплов.

 

 

Труп:

Улогата на трупот е да создаде врска помегу крилото, хоризонталниот и вертикалниот стабилизатор. Најзначајна улога на трупот е тоа што во него е сместена пилотската кабина, просторот за товар и сл. Основното конструктивно решение на трупот го сочинуваат: ребрата - прстени, продолжниците и обвивката.
Ребрата ја создаваат основната форма на трупот, нивната конструктивна поврзаност ја создаваат продолжниците, а дефинитивната форма ја дава обвивката на трупот.

 

Труп

 

Крило:

Крилото е основната поддржна површина на авионот што индиректно значи дека тоа е основниот елемент кој го "носи" авионот. Крилото се состои од следниве делови: корен на крилото, нападен раб, раменица, излезен раб, продолжници, завршетоци на крилото и обвивка на крилото.
Основната улога на коренот на крилото е да создаде цврста и сигурна врска со трупот. Се изработува од цврсти материјали, легирани челици и слично.
Нападниот раб на крилото го оформува предниот дел на аеропрофилот со потребното заоблување, а излезниот раб го формира задниот дел на крилото.
Раменицата е основен конструктивно носечки елемент на крилото. Основната функција на раменицата е да создаде врска со сите "ребра", а во нејзиниот корен се поставува оковот за врска со трупот.
Ребрата ја даваат основната форма на крилото по неговиот напречен пресек и по неговата вертикална проекција.
Продолжниците служат за дополнително зајакнување на крилото, а истовремено ја зачувуваат и аеродинамичката форма на крилото.
Завршетоците на крилата, имаат улога да го спречат - смалат индуктивниот отпор и да го оформат завршниот дел на крилото.
Обвивката на крилото ја дава неговата надворешна, конечна форма, создава врски со сите "скелетни" на конструкцијата на крилото.
Материјалот за изработка на елементите на крилото може да биде различен. При изградбата на поранешните авиони доминантни материјали биле дрвото, платното и металот. Денес како такви материјали најчесто се употребуваат алуминиумските легури, челичните легури, карбонските влакна и низа други материјали.
Со оглед на тоа дека крилото практично претставува најважен дел на авионот, на него се вградуваат и дополнителни елементи со кои што се постигнуваат подобри карактеристики на летањето на авионот.
Такви дополнителни елементи на крилото се: преткрилцата, крилцата - елерони, заткрилца - флапсови, воздушните сопирачки, како и резервоарите за гориво.

Крило

 

Продолжува со хоризонтален/вертикален стабилизатор и тркала.

Автор Стефан Давчевски